Септември без пораз е џек пот за Ангеловски и Македонија

Сè над три бода ќе биде одличен ефект за Македонија во двата септемвриски дуели на гостински терен против Израел и Летонија, вели селекторот Игор Ангеловски.

Во Бер Шева ќе играме против Израелците на петти септември, а четири дена подоцна ќе ѝ гостуваме на Летонија во Рига, во двата следни квалификациски мечеви за плсман на Евроспкото првенство што ќе се игра идната година.

„Со три бода на двата меча би бил задоволен. Сè над тоа би било одлично, а не смееме ниту да помислиме да не забележиме барем една победа. Особено ме радуваат одличните трансфери летово на дел од македонските репрезентативци и подобрената ситуација со дефанзивците. До неодамна бев загрижен бидејќи стандардните играчи во нашата одбрана не играа. Сега е многу подобро бидејќи и Алиоски и Велковски, па и Муслиу повеќе играат во своите клубови, што е добро за нас, особено по повредата на стандардниот Стефан Ристовски“, вели Ангеловски.

Тој веќе има искуство во мечевите со Израел и беше селектор на македонската репрезентација што ја победи оваа селекција во последните квалификации за Мундијалот во Русија. Тогаш во Хаифа славевме со 1:0, со голот на капитенот Горан Пандев, откако претходно во Скопје загубивме со 1:2, со нереализиран пенал во судиското продолжение.

„Не би имал ништо против да има реприза од мечот во Хаифа. Имаме квалитет за добар резултат и на двата меча“, додаде Ангеловски.

Проблем ќе му биде што дел од репрезентативците ќе допатуваат директно во нашата база во Израел, во Ашдод. Горан Пандев, Илија Несторовски, Александар Трајковски, Иван Тричковски и Столе Димитриевски имаат клупски обврски во недела навечер и нема да допатуваат во Скопје на собирот на репрезентацијата, туку директно ќе се приклучат во Ашдод.

Мечот со Израел ќе се игра на стадионот „Тото Тарнер“ во Бер Шева, од 20.45 часот во четврток, а четири дена подоцна во Рига на „Даугавас арената“ ќе играме со Летонија во истиот термин од 20.45 часот.

- Оглас -

Најнови вести