Италија со љубов за македонскиот ас – Серија А со посвета за Пандев: Фудбалска легенда што освои сè

Серија А повторно потсети на живата фудбалска легенда во Калчото, на капитенот на македонската репрезентација Горан Пандев, а посветата е заслужена за човекот што освои речиси сè што може да се освои во кариерата.

Пандев има богата колекција од италијански трофеи, еднаш беше првак со Интер во Серија А, има пет пехари од Купот на Италија со три различни екипи, двапати му се радуваше на трофејот во Суперкупот, а сè уште се памети и триплетата со Интер во 2010 година, кога со Нераѕурите стана и европски првак и светски првак.

Шлагот на богатата кариера ќе биде идната година, со настап на Европското првенство како капитен на македонската репрезентација, што е прекрасно последно поглавје од богатата кариера на 37-годишниот струмичанец.

Македонија ќе дебитира на ЕП со Пандев како лидер, а првиот меч што ќе биде запишан како историски на големо натпреварување ќе го играме со Австрија на 13 јуни во Букурешт.

Четири дена подоцна противник ќе ни биде Украина, повторно во Букурешт, а потоа се селиме за Амстердам, за последниот меч во фазата по групи против Холандија на 21 јуни.

 

- Оглас -

Најнови вести