Шампионот уште трпи последици од дербито на Мерсисајд

Манчестер сити и Ливерпул изминативе неколку години создадоа ривалство со оглед на тоа дека двата последни шампиони се најквалитетните кандидати за престолот во Премиер лигата. Сепак, дербито на сезоната остана без сјајот поради отсуства на клучни играчи на двете страни.

Актуелниот првак уште трпи последици од градското дерби против Евертон, во кое Јирген Клоп го загуби Вирџил Ван Дајк поради тешка повреда на коленото. Холанѓанецот нема да се врати на терените до идната пролет, ќе ја пропушти речиси цела сезона, додека Тијаго Алкантара, летното засилување на Црвените, ќе го пропушти и шестиот последователен меч во сите натпреварувања исто така поради повреда на коленото.

Иако не е потребна хируршка интервенција како што потенцираше Клоп, потребно е време за Тијаго целосно да закрепне, па заедно со Ван Дајк и Фабињо ќе го пропушти гостувањето на „Етихад“.

И Гвардиола е на маки, не му се достапни Серхио Агуеро и Фернандињо, додека се навикна стаклениот Менди да не му биде на располагање.

Како и да е, се очекува возбудлива пресметка која ќе го оправда епитетот на моментално најголемото англиско дерби бидејќи победа им е потребна и на двете екипи, кои по шест, односно седум одиграни средби имаат по еден пораз во првенството.

Сити има еден заостанат меч, а во шест натпревари освои вкупно 11 бода и се наоѓа на 12-тото место. Ливерпул пак и покрај проблемите се држи на засега втората позиција со 16 бода, колку што има моменталниот лидер Саутхемптон, па еветуално славје може да ги стави Црвените во пол-позиција за одбрана на титулата.

Дербито е закажано во 17:30 часот.

- Оглас -

Најнови вести