Шекил О’Нил за Лука Дончиќ: Не сум импресиониран, сум гледал такви потези и претходно

Лука Дончиќ уште еднаш ја „здрма“ НБА-лигата благодарение на неговата феноменална игра во четвртиот меч од плејофот против Лос Анџелес клиперс. Младиот Словенец се жалеше на повреда, но и покрај тоа, одигра меч во кој имаше трипл-дабл, а на крајот, во последната секунда даде тројка за победа. 

Многу НБА-ѕвезди, како што се Леброн Џејмс, Стеф Кари, Ману Џинобили, Двејн Вејд, но и најдобриот тенисер во светот Новак Ѓоковиќ, не можеа да се изначудат на играта на Дончиќ и имаа позитивни реакции по социјалните мрежи.

Сепак, не сите се импресионирани од играта на Дончиќ. Легендарниот центар Шекил О’Нил вели дека тоа што сега го прави Лука, го гледал во НБА и години наназад, пред појавувањето на Словенецот.

„Лука е сјаен, но и претходно сум го гледал тоа. Добар е, знае да игра, ништо не му фали, но едноставно не сум импресиониран“, вели О’Нил.

Дончиќ во победата над ЛА клиперс имаше 43 поени, 17 скока и 13 асистенции, што е јубилеен 30-ти негов трипл-дабл сезонава. Со погодокот за победа против Клиперс, Дончиќ стана најмладиот играч во историјата на НБА што постигнал поени за победа во плејоф меч. Словенецот има 21 година.

 

- Оглас -

Најнови вести