Шериф е чудото кое ќе игра во групната фаза од Лигата на шампионите

Фудбалскиот првак на Молдавија, екипата на Шериф Тираспол, е најголемото изненадување кое обезбеди место во групната фаза од Лигата на шампионите. Шериф вечерва одигра 0:0 на гостувањето во Загреб против Динамо и на тој начин ја сочува предноста од 3:0 стекната на првиот меч, па ќе биде дел од елитното друштво на 32 најдобри екипи во Европа.

Шериф Тираспол е клуб кој само пред три години беше елиминиран од македонскиот тим Шкендија во квалификациите од Лигата на шампионите, но со вистинска работа и вложување, покажа дека може да се постигне саканата цел. Освен Динамо, Шериф во претходното коло ја елиминира и Црвена ѕвезда, со што само потврди дека е на едно повисоко ниво од двата најдобри клуба од поранешна СФРЈ.

За Динамо, целиот меч го одигра Стефан Ристовски, додека капитенот на Модрите, Аријан Адеми е повреден. Кај Шериф го немаше новото засилување на тимот, македонскиот репрезентативец Бобан Николов, кој ќе се радува со своите нови соиграчи на овој историски успех. Динамо пропушти шанса по осми пат да е дел од групната фаза во ЛШ.

Салцбург со 2:1 на гости го победи Брондби, исто како што беше и пред седум дена во Австрија, па заслужено ќе биде дел од групната фаза. Последниот патник во ЛШ ќе се знае по дополнителните 30 минути, а можеби и по изведување пенали на мечот Шахтар – Монако. По 90 минути игра, францускиот тим победи со 2:1, но Шахтар славеше на првата средба со 1:0, па уште не се знае кој е подобар.

 

 

- Оглас -

Најнови вести