Шкендија ќе се обиде да биде третата македонска екипа што го елиминирала Дуделанж, по успешните настапи на Вардар и Работнички во европските двомечи со клубот од Луксембург, но овојпат задачата веројатно ќе биде најтешка.
Дуделанж и воопшто фудбалот во Луксембург сериозно напредуваат, а лани токму оваа екипа го забележа историскиот успех и стана прв фудбалски клуб од Кнежеството што играл во фаза по групи, со пласманот во Лигата на Европа.
Таму стигнаа со голема сензација и две победи против апсолутниот фаворит Клуж во двомечот од плејофот. Забележаа победа на домашен терен со 2:0, а потоа повторно победија и во Романија со 3:2, па следуваше огромна радост и натпревари во фазата по групи со Милан, Олимпијакос и Бетис.
Подвигот против Клуж, романските медиуми речиси без исклучок го нотираа како најголем фудбалски срам во историјата на фудбалот во оваа земја.
Дуделанж направи неколку измени во однос на ланскиот состав, а ќе ги предводи Косовецот роден во Белград, Данел Синани. Тој постигна три од петте гола на двомечот со Клуж за клупска историја и по два дуели во фазата по групи со Милан, Бетис и Олимпијакос.
Стрелецот на останатите два гола против Романците, Дејв Турпел, нема да игра во Скопје.
https://www.youtube.com/watch?v=2nJ1S-dUQj8
Дуделанж досега на двапати играше против наши екипи, а беше елиминиран и од Вардар и од Работнички во прво квалификациско коло за настап во Лигата на шампионите.
Најтрофејниот македонски клуб Вардар во сезоната 2002/03 го елиминира клубот од Луксембург со вкупен резултат од 4:1, а четири сезони подоцна и Работнички беше поуспешен со вкупен биланс од 1:0 на двата меча.