Шок на „Олд Tрафорд“: Дерби го елиминираше Манчестер јунајтед

Манчестер јунајтед претрпе шокантна елиминација од Дерби каунти по пенал-рулетот во третото коло од Карабо купот. „Црвените ѓаволи“ тргнаа убедливо на стартот од средбата, откако Хуан Мата му донесе предност на својот тим само по три минути.

Израмнување на 1-1 донесе Вилсон во 59-тата минута, а комплетен пресврт направи Дерби во 85-тата минута, по голот на Мериот, откако Јунајтед остана со играч помалку по црвениот картон кој го заработи голманот Ромеро во 67-та минута. Во моменти кога се чинеше дека мечот е готов, Фелаини израмни на 2-2 и го однесе натпреварот да се одлучува на пенали.

Во пенал-рулетот фудбалерите на двете екипи беа прецизни до осмата серија, а за Дерби да оди понатаму во натпреварувањето, му помогна Фил Џоунс. Дефанзивецот беше единствениот играч кој не погоди од белата точка, со што Јунајтед го заврши своето учество во Купот уште во раната фаза.

За менаџерот на Дерби, Френк Лампард, ова беше прва пресметка против Жозе Мурињо и Манчестер јунајтед како стратег, па уште во првиот обид се покажа како подобар од својот некогашен тренер.

- Оглас -

Најнови вести