Шок за Тампа беј, Колумбус со пресврт до 1-0 во серијата

Колумбус блу џекетс го изненади најефикасниот тим од регуларниот дел во НХЛ-сезоната, славеше на гости кај Тампа беј лајтнинг со 3-4. Гостите одиграа неверојатен меч и успеаја да надополнат три гола негатива за да поведат 1-0 во првата серија од разигрувањата.

Тампа беј тргна фуриозно и потполно доминираше во првата третина. Впрочем, во воведните 20 минути ја остварија предноста од три гола и оставија впечаток дека лесно ќе дојдат до првиот триумф, но гостите имаа други планови. Фолињо го постигна единствениот гол во вториот период за 3-1, а хокеарите на Тампа беј потфрлија кога беше најпотребно, не успеаја да го задржат водството во преостанатите 20 минути од мечот.

Од осмата до 15-тата минута Колумбус во три наврати го затресе голот на домаќинот за конечни 4-3 во корист на гостите. Тампа беј за три дена ќе мора да се поправи и да ја израмни серијата, а шанса за тоа ќе има повторно пред домашната публика.

Покрај Колумбус, со 1-0 во првата плејоф-рунда поведоа и Њујорк ајлендерс против Питсбург пингвинс со 4-3, Сент Луис блус славеше на гости кај Винипег џетс со 1-2, Нешвил предаторс загубија дома од Далас старс со 2-3, а Сан Хозе шаркс со убедливи 5-2 славеше на домашен терен против вицешампионот Вегас голден најтс.

- Оглас -

Најнови вести