Со првата сесија попладнево од 14 часот кога ќе се одиграат осум фрејмови, почнува финалето на Светското првенство во снукер помеѓу Англичанецот Шон Марфи и 22-годишниот Кинез Јизе Ву.
Ву се пласираше во финалето на СП по драматичната победа од 17-16 над Марк Ален. Одлучувачкиот момент беше промашувањето на Ален на црната топка за победа во претпоследниот фрејм.
Марфи има 43 години и тој веќе бил светски првак, во 2005 година. Ву тогаш има само една и пол година, а Кинезот немаше добиено ниеден меч во „Крусибл театарот“ до оваа година и првпат е во финале.
Победникот ќе ја однесе дома престижната титула и чек од 500.000 фунти. По успехот на Џао Синтонг минатата година, Ву има шанса да стане втор Кинез светски шампион, и втор најмлад освојувач на трофејот по Стивен Хендри, кој триумфираше на 21-годишна возраст.
Квотите во Sport Life му даваат мала предност на Ву кој влегува во финалето со самодоверба против противник кого веќе го победи со 6-2 на Мастерсот во јануари.
Марфи направи пресврт од 13-15 за да го победи Џон Хигинс со 17-15 и да продолжи со својата потрага по втората светска титула. Марфи, кој е светски шампион од 2005 година, кога го победи Метју Стивенс, има загубено три финалиња, од Хигинс (2009), од Стјуарт Бингам (2015) и од Марк Селби (2021).
Само Рони О’Саливан (7 титули), Хендри (7), Стив Дејвис (6), Хигинс (4), Селби (4) и Марк Вилијамс (3) го имаат освоено трофејот во Шефилд повеќе од еднаш. Марфи би можел да постави и рекорд за најдолга разлика помеѓу првата и втората светска титула – по пауза од 21 година.

