Полска на 7 јуни ќе ни биде гостин на фудбалски спектакл од квалификациите за настап на Европското првенство во 2020 година, а уште пред да пристигнат во Скопје, за нив има проблем во Варшава.
Легендата на светскиот фудбал Збигњев Боњек, кој е и актуелен претстедател на Полската фудбалска федерација, се пожали на третманот од раководството на најголемиот полски аеродром „Шопен“ во Варшава, кој засега не им дозволува веднаш по мечот со Македонија да слетаат во доцните полноќни часови.
Мечот со Македонија ќе се игра на националната арена „Тоше Проески“ од 20.45 часот.
„Полската фудбалска репрезентација по мечот со Македонија, не може да слета на најголемиот аеродром кај нас бидејќи тој е затворен од полноќ до 5 часот наутро. За жал, ова не е шега, туку многу сериозен проблем пред дуелот со Израел на 10 јуни“, го објасни проблемот Боњек.
За полската репрезентација е важно брзо да се врати во својата земја и да има некој ден повеќе за одмор и за тренинг и пред дуелот со Израел на „PGE Narodowy арената во Варшава.
За слетување на „Фредерик Шопен“ во Варшава во периодот од 23.50 до 5 часот наутро исклучок може да се направи само за државните делегации, војската и спасувачки екипи во кризни ситуации.
Засега полската репрезентација не е во тој ранг, но по поплаката на големиот ас, можно е да се направи исклучок. Или, како што најави Боњек, Левандовски, Пјонтек, Милик и останатите асови на силната полска селекција ќе мораат да бараат алтернативен аеродром за да пристигнат дома по полноќ на 8 јуни, на два дена пред дуелот со Израел.