Шпанецот Раул е нов тренер на Еурофарм Пелистер

Ракометниот првак на Македонија, екипата на Еурофарм Пелистер има нов тренер, а тоа е Шпанецот Раул Алонсо. Се работи за 45-годишен стратег кој голем дел од својата ракометна кариера како тренер ја мина во Германија. Има работено во Обернбург, Рајн Мен Бинен, а од 2010 до 2015 година беше дел од стручниот штаб на големиот Кил. Со „зебрите“ стана двоен европски првак како асистент на Алфред Гисласон, а заедно освоија и серија домашни трофеи од Бундеслигата, Купот и Суперкупот на Германија.

Потоа беше директор на академијата на Кил, а напоредно работеше и во Германската ракометна федерација. Самостојна кариера почна во Австрија, каде што со успех го водеше Тирол. Во 2018 година ја прифати понудата на Маноло Каденас и се пресели во Мешков Брест како асистент-тренер. Само по една сезона го презеде кормилото на белорускиот првак и не погреши. Во две сезони како прв тренер на екипата ги освои сите домашни трофеи и стигна до четвртфиналето и осминафиналето на Лигата на шампионите.

Во 2022 година Раул се врати во Германија и го водеше тимот на Ерланген, а сега го прифати предизвикот да го води македонскиот првак Пелистер, со кого потпиша договор до јуни 2026 година.

- Оглас -

Најнови вести