Шпанија ја победи Србија и ја прати на мегдан со Аргентина

Шпанија со одлична кошарка ја сопре Србија во дербито за првото место во Ј групата, победи со 81:69 и го испрати противникот по потешкиот пат во завршницата.

Шпанците направија голем превсрт, откако Србите одлично почнаа и имаа предност од 20:13 по првата четвртина. Мечот беше значаен и поради распоредот во завршницата, па сега Србите ќе мораат да играат во четвртфиналето со Аргентина, па ако победат веројатно и против САД во битка за финале.

Шпанците се разиграа во продолжението со 32:17 ја добија втората четвртина и водеа со 45:37 на полувремето. Во 23. минута беше исклучен Никола Јокиќ, па јасно беше дека Србија тешко ќе направи пресврт.

Сега Шпанците ќе имаат полесен пат кон медал во Кина, а во четвртфиналето ќе играат со Полска.

Денеска во Вухан до победа ги предводеше Рики Рубио со 19 поени, пет скока и четири асистенции. Виктор Клавер беше изненадувањето што не го очекуваа Србите, а тој им даде 14 поени и имаше седум скока. Солиден меч одигра и Марк Гасол со 11 поени и шест скокови.

Кај поразениот состав единствена светла точка беше Богдан Богдановиќ со 26 поени, 10 скока и шест асистенции.

 

- Оглас -

Најнови вести