Драмата и финалето се за Шпанија – Црвената фурија ги казни утките на Австралија

Шпанија ја доби драмата во „Кадилак арената“ во Пекинг и ја победи Австралија со 95:88 по две продолженија за второ финале на кошаркарските Мундијали.

Марк Гасол одигра брилијантен меч и со 33 поени беше вистински лидер кај првиот финалист. Му асистираа и Рики Рубио со 19 поени и 12 асистенции и Серхио Љуљ со 17 поени, но Шпанците имаа и многу среќа.

Пати Милс утна едно слободно фрлање во последните секунди од регуларниот дел за победа, па во основните 40 минути беше нерешено 71:71.

И во продолжението беше возбудливо и неизвесно, а Делаведова го утна последниот шут за победа на Австралија, па се играа уште пет минути.

Во решавачките 300 секунди, Црвената фурија се разигра, имаа повеќе квалитетни играчи и победија со 7 поени разлика.

За нив ова е второ финале на Светските првенства и второ што ќе го играат во Азија, откако во „Саитама арената“ во Јапонија во 2006 година станаа светски прваци со победа против Грција од 70:47.

Австралија имаше неколку шанси за победа против фаворизираната Шпанија, но не успеаја да го забележат најголемиот успех за нивната кошарка. Пати Милс беше извонреден со 34 поени, но тоа не ѝ донесе успех на Австралија. Ник Кеј беше изненадување за фаворитот и постигна 18 поени со 11 скока.

Вториот финалист ќе се знае денеска по мечот меѓу Франција и Аргентина, што ќе се игра од 14 часот.

- Оглас -

Најнови вести