Шпанската фурија го предводеше последното танго за втора светска титула

Шпанија ќе владее со светската кошарка во следните четири години по убедливиот триумф над Аргентина со конечни 95:75 во финалето на Мундобаскетот во Кина. Црвената фурија во борбата за златото го оправда својот прекар, потполно доминираше против амбициозните Гаучоси. Шпанците на патот до втората светска титула која ја чекаа од 2006 година, го завршија настапот на Светското првенство со максимални осум победи.

Избраниците на Скариоло го диктираа темпото уште на стартот од мечот, иако Аргентина се врати на 14-13 по серијата од 14-2 на кошаркарите во црвени дресови. Последните минути од првата делница припаднаа на Шпанија, па од тој момент двоцифрената предност постепено се зголемуваше во нивна предност.

Иако се очекуваше возбудливо и неизвесно финале, репрезентативците на Шпанија продолжија со фуриозните напади со цел што побрзо да ги разрешат дилемите, па затоа при резултат од 55-33 беше јасно кој ќе биде победник. Без да кренат бело знаме, Аргентинците со сите напори се обидуваа да се вратат во игра, дојдоа до -12 во последните 10 минути, кои никако не беа доволни за да направат сензација и мораа да се задоволат со второ сребро на светските кошаркарски собири.

 

Рики Рубио одлично играше во текот на целото првенство, а на потребното ниво беше и во најзначаниот меч. Плејмејкерот на Шпанија заврши како најефикасен со 20 поени и седум скока, Љуљ застана на 15 поени, а 14 поени беа дело на Гасол.

Се виде дека на Аргентина ѝ недостасуваше учинокот на ветеранот Скола, кој во првото полувреме не постигна ниту еден поен, а дури во последната четвртина запиша кош од игра, откако претходно шестпати беше прецизен од линијата за слободни фрлања и заврши со 8 поени и исто толку скока. Дек со 24 поени беше најрасположен во составот на селекторот Ернандес, Кампацо запиша скромни 11 поени.

 

- Оглас -

Најнови вести