Штета, Еурофарм Пелистер дојде на неколку секунди од прв бод во ЛШ, но не успеа

Осми пораз во осмиот меч сезонава за Еурофарм Пелистер во ракометната Лига на шампиони, вечерва во дебито на Филип Кузмановски во дресот на битолскиот тим во ЛШ, ПИК Сегед беше минимално поуспешен од македонскиот првак со 28-27.

Пред една недела во Унгарија, ПИК Сегед победи со осум гола разлика, а сега со Филип Кузмановски во составот, и на свој терен пелистерци не дозволија повторување на таквото сценарио.

Битолчани по првото полувреме имаа негатива од три гола разлика, но на стартот на вториот дел заиграа поагресивно и со серија од 5-1 израмнија на 19-19 во 44-тата минута, се крена и публиката која ја налутија и судиите со неколку одлуки.

Семафорот покажуваше 27-27 на една и пол минута до крај, двата тима дадоа по еден гол за 28-28, а и покрај неколкуте израмнувања на резултатот, битолчани ниту еднаш не поведоа во вториот дел. Последниот напад го имаше тимот од Сегедин, Сита го совлада Гедбан за радост на гостите.

Најефикасни кај Е. Пелистер беа Борзаш со 6, Кузмановски со 5 и Пешевски со 4 гола.

Во следното коло македонскиот шампион гостува кај Кјелце во Полска.

- Оглас -

Најнови вести