Што ѝ напиша Меноти на Барселона за Марадона: Диего е НЕПОБЕДЛИВ

„Ова момче е непобедливо. Има страшна техника, карактер, сила, моќ и воопшто не е себичен. Со еден збор, Диего е непобедлив“ е дел од рапортот на легендарниот аргентински селектор Луис Цезар Меноти во 1978 година испратен до Барселона. Се знае, се работи за живата легенда на светскиот фудбал Диего Армандо Марадона, тогаш 18-годишно момче.

Меноти прв ја контактирал Барселона за да ја информира дека Аргентинос јуниорс, но и аргентинскиот фудбал имаат невиден бисер.

Четири години подоцна Барса го купи Марадона, во трансфер што тогаш беше рекорден. Диего пристигна од редовите на Бока јуниорс во редовите на шпанскиот гигант.

Еве дел од извештајот на Меноти за фудбалските квалитети на Марадона што го испратил во Барселона.

Општа оценка: исклучително добра; брзина 9,5; стартна брзина 9,5; брзина со топка 9,1; брзина без топка 9,5; агилност 9,5; сила на скок 8.

Психичка состојба: ментална сила 10, способност да трпи болка и притисок 10, концентрација 10, себичност 0, карактер 10.

Индивидуална тактика: суперинтелегентен за фудбал, многу добар преглед на игра., ефектен, одличен лидер, многу добар шут, прекрасна техника на додавање на топка, исклучително храбар и силен, несопирлив во дриблинг, неговите куси и долги пасови се чиста уметност.

Генерална оценка: НЕПОБЕДЛИВ.

Марадона играше за Барселона од 1982 до 1984 година, потоа се пресели во Неапол и играше за Наполи во следните 7 години. Европската авантура ја заврши како играч на Севилја во сезоната 1992/93, па се врати во Аргентина, најпрво како фудбалер на Њуелс олд бојс, а потоа и на Бока јуниорс, тим за којшто навива.

 

- Оглас -

Најнови вести