Силекс победнички си замина од гостувањето на арената „Тодор Проески“ откако со 1:0 го победи Вардар во дербито на седмото коло во Првата лига. Мечот беше решен буквално во последните моменти, односно во судиското надополнување.
Дарко Додев погоди за радост на кратовци, која првично беше скратена од помошникот-судија, кој досуди офсајд, како што се гледа и на фотогрфијата, каде што е кренато знаменцето на помошниот арбитер.
Сепак, потоа следуваше дискусија меѓу главниот арбитер Димитар Пилешков и неговиот помошник Ѓорѓиев, а потоа Пилешков одлучи дека поништувањето на погодокот е погрешна одлука и тој реши дека погодокот на Силекс е регуларен.
А што точно се случи во спорниот напад? Силекс беше во офанзива, кога еден од гостинските играчи се обиде да шутира кон голот или ја протури топката напред кон Додев, кој во тој момент беше во офсајд-позиција, но еден од дефанзивците на Вардар успеа да ја скроти оваа топка.
Потоа следуваше обид да се отстрани опасноста од шеснаесетникот на Вардар, но топката удри во еден од домашните играчи, се врати назад кон осамениот Додев и фудбалерот на Силекс постигна гол.
Сликовито за тоа што точно се случи може да видите во продолжение: