Само пред една година добивавме лекции од Грузија и Бугарија, ама тогаш никој ништо не презеде, па сега ќе се чудиме што нѐ снајде

Само теорија постои да се надеваме дека македонската фудбалска репрезентација може да игра на Европското првенство следната година во Германија. По три одиграни кола во квалификациите, Македонија има само три бода од три меча и единствено Малта е послаба од нас, но ние ја имаме најлошата одбрана дури со 11 примени гола (просек од речиси четири на меч).

Во една ваква ситуација, останува прашањето каде згреши македонската фудбалска репрезентација за да биде испишана неславна историја со поразот од 7:0 на гости кај Англија. Без разлика на поразот, тоа е само еден меч, но многу повеќе алармантно е тоа што репрезентацијата полека го губи карактерот, ја губи хемијата, нема борба, ниту желба да нема предавања, па јасно е зошто се случи и најубедливиот пораз во историјата, но и поразот како тој од Украина, кога водство од 2:0 не е доволно да не се загуби.

Селекторот Благоја Милевски синоќа ѝ се извини на македонската јавност за историската брука и потенцираше дека тој и играчите се истите од порано. Кога веќе се зборува за тоа дека сите се истите како порано, треба да потсетиме што најавуваше селекторот и тоа само пред една година, односно кога во составот беа истите репрезентативци.

На 9 јуни минатата година, Македонија дома загуби од Грузија убедливо со 3:0 во Лигата на нации и по тој пораз беше јасно дека нема да бидеме на посакуваното прво место во групата од ова натпреварување. Токму тоа прво место можеше да донесе борба за место на ЕП 2024, но тогаш селекторот Милевски убедуваше дека Лигата на нации не е главниот приоритет за Македонија, туку тоа се средби кои се како подготовка за квалификациите за ЕП 2024.

„Наша главна цел се квалификациите за ЕП 2024 година. Сите овие мечеви кои досега ги игравме, вклучувајќи ги и оние од квалификациите за СП 2022 и баражите се во функција на квалификациите. Треба да имаме појасна слика за квалитетот со којшто располагаме“, беше коментарот пред една година на Милевски.

Точно е дека Македонија доби тешка група со два поранешни светски прваци, Англија и Италија, и селекција од калибарот на Украина, но прашањето е зошто пред една година Лигата на нации не се гледаше како вистинскиот пат да се стигне до ЕП 2024 година. Точно е дека на ЕП 2020 влеговме преку Лигата на нации од Сегментот Д, но и во Сегментот Ц имавме ривали како Грузија, Бугарија и Гибралтар, што секако се полесни од Англија, Италија и Украина.

Дека алармот требаше да се вклучи по завршување на дуелите во Лигата на нациите, покажа и пласманот на третото место во таа група, зад првопласираната Грузија (загубивме со 0:2 и 0:3) и втората Бугарија (загубивме 0:1 и ремизиравме 1:1), но аларм немаше. Како да беше доволно што во шест меча успеавме само двапати да ги победиме аматерите од Гибралтар.

Токму затоа што ништо не се смени во тие 365 дена, откако добивавме лекции од Грузија и Бугарија, сега не треба да нѐ чуди што сега испишуваме неславна историја и најубедлив пораз.

- Оглас -

Најнови вести