„Штрковите“ ветуваат дека ќе го прелетаат Ловќен

МЗТ Скопје Аеродром вечерва, од 19 часот, во „Јане Сандански“ го пречекува црногорскиот тим Ловќен и најавува освојување два бода, па од клубот ги повикуваат навивачите да присуствуваа на прослава на трета победа во четвртиот настап во АБА 2 лигата.

По непријатниот пораз во минатото коло, кога загубија, според секоја логика, добиен меч, „штрковите“ се мотивирани да го победат Ловќен.

Андреј Маслинко со играта против Шкупи кога даде 30 поени, со зголемена самодоверба очекува да добие поголема шанса и во регионалната лига.

„Ова е меч кој мора да го добиеме. Несреќниот пораз од Приморска е зад нас и сите сме насочени кон дуелот со Ловќен, кој го гледаме како идеална шанса за враќање на победничката патека. Ниту еден противник во втората АБА не е наивен и затоа нема да ги потцениме гостите. Но ако одиграме како што знаеме, на ниво како на претходните домашни мечеви, мислам дека нема да имаме проблем“, вели крилниот центар.

Тренерот Ѓорѓи Кочов ги повика навивачите и им вети дека нема да си заминат разочарани од тоа што ќе го видат на тимот во сино-бели дресови.

„Помошта од публиката е значајна за нашата екипа. Им ветуваме на сите наши фанови кои ќе дојдат во сала, дека дома нема да си заминат разочарани од нашата борбеност и залагање“, најавува Кочов.

- Оглас -

Најнови вести