Репрезентацијата на Шведска го разби Азербејџан со 3:0 во сетови и со тоа ги исфрли Азербејџанците од трката за пласман на Европското првенство во одбојка, оставајќи ги теоретските шанси на Македонија да успее во обидот за прв историски пласман на континенталниот шампионат.
Иако Шведска немаше шанса да биде втора во својата група, со убедливи 25-13, 25-19, 25-16 го прегази Азербејџан. Овој резултат им оди во прилог и на македонските одбојкари, кои сега ќе навиваат и за Летонија против Израел. Летонија во првите три меча освои само еден сет, но ако се надмине себеси и го изненади Израел, тогаш вечерва од 20.15 часот, Македонија против Унгарија во „СРЦ Кале“ ќе си одлучува за својата судбина (ќе ни треба победа од 3:0 во сетови).