Шверцувал 1.300 килограми дрога: Има 50 настапи за Холандија, а сега го чека деветгодишна затворска казна

Фудбалската кариера на Квинси Промес очигледно е на крајот и полека треба да се подготува за некоја друга улога. Играчот кој има и 50 настапи за холандската репрезентација, а бил дел од екипите на Твенте, Гоу ахед иглс, Спартак Москва, Севилја и Ајакс, сега се соочува со затворска казна која може да биде и до девет години, и тоа поради шверцување дрога кокаин.

За Промес ова не е прв судир со законот. Минатата година беше осуден на две години затвор откако со нож нападна еден роднина во инцидент кој се случил во 2020 година. Квинси не е во затвор затоа што трае жалбената постапка, а во корист на Промес е и фактот дека тој моментално се наоѓа во Русија, каде што настапува за Спартак Москва.

Промес е обвинет за шверц на 1.300 килограми кокаин кој пристигнал преку белгиското пристаниште во Антверпен. Холандската полиција го следела и го прислушкувала телефонот на Промес и на останатите кои биле вмешани во овој случај.

Според обвинителството, Промес не само што бил дел од голема криминална банда, туку тој бил и еден од лидерите. Токму затоа обвинителството побара Промес да добие затворска казна од девет години, која е највисока според обвинението.

На денешното рочиште во судот во Амстердам, Промес не се појавил, што е и логично затоа што е можно веднаш да биде уапсен. Засега фудбалерот се чувствува сигурно во Русија, каде што се обидува да добие руски пасош. Доколку успее да добие руски пасош, тој би можело целосно да се извлече од ова обвинение затоа што нема да биде екстрадиран во Холандија.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести