Силата на Интер пак е во легендарниот систем на Хеленио Херера

Интер повторно се врати на препознатливото Катеначо и нема примено гол на последните пет меча, како голем адут пред дуелот вечерва против Баер Леверкузен.

На „Меркур-шпил арената“ во Дизелдорф од 21 часот се игра веројатно најинтересното четвртфинале во Лигата на Европа, а Интер повторно е во ретростил и под команда на Антонио Конте одлично го практикува популарното Катеначо.

Одбраната на Нераѕурите предводена од извонредниот голман Самир Хандановиќ нема примено гол на пет меча во низа и со таков ефект има голем адут во битката со одличниот напад на Баер.

Последен што ја затресе мрежата на Хандановиќ е Хенрик Мхитаријан на дуелот меѓу Рома и Интер што се играше на 19 јули.

Оттогаш Интер во дефанзивата игра како по ноти и потсетува на златната ера на Хеленио Херера од 60-тите години на минатиот век, кога беше усовршен системот познат како Катеначо.

„Задоволен сум како напредуваме. Станавме цврст тим што игра одлично во дефанзива. Ме радува што играчите сè подобро се вклопуваат и го прифаќаат системот на игра што сакаме што подобро да го усовршиме. Баер ќе биде голем тест за нас на патот на остварување на целта и освојување на пехарот во Лигата на Европа“, изјави Антонио Конте.

Ривалот на Интер е една од најефикасните екипи во Германија со огромен потенцијал во нападот. Хаверц, Дијаби и Фоланд ќе бидат опасна закана за голот на Хандановиќ, но голем проблем е што нема да игра мозокот на екипата Чарлс Арангис.

Чилеанецот е суспендиран поради жолти картони и наме право на настап во четвртфиналното дерби во Лигата на Европа.

- Оглас -

Најнови вести