Диего Симеоне, тренерот на Атлетико Мадрид, го изнесе своето мислење по ремито 1-1 против Арсенал во првиот полуфинален натпревар од Лигата на шампионите. За аргентинскиот стратег ова е третпат да стигне до полуфинале со, а во претходните две шанси, во 2014 и 2016 година, тимот од шпанската престолнина стигна и до финалето, но беше поразен од Реал Мадрид.
Според Симеоне, стабилноста во одбраната и подобрата организација му овозможиле на Атлетико Мадрид да создаде поопасни ситуации во второто полувреме, и покрај длабочината на составот на лондонскиот тим.
„Првото полувреме беше целосно израмнето, можеби тие имаа повеќе посед, но не создадоа повеќе шанси. Арсенал има многу силна клупа, кога ќе влезат резервите, тие стануваат подобри од стартните играчи. Дури и во таква ситуација, ние бевме подобри во второто полувреме. Тогаш тие малку се опуштија, а ние ја подобривме организацијата. Бевме поцврсти во одбраната и создадовме шанси преку Гризман и Лукман“, изјави аргентинскиот стратег.
Диего Симеоне посебно ја истакна и атмосферата на трибините, која ја оцени како клучен фактор за енергијата на тимот.
„Атмосферата на стадионот беше неверојатна. Ретко сме виделе ваков ентузијазам на почетокот на натпреварот. Не сите ќе бидат со нас во вториот меч, но нивните срца и души ќе бидат со нас“, додаде тој.

