Симултанка на Дончиќ, Торонто даде само 76 поени (видео)

Далас без поголеми проблеми стигна до 22-рата победа во НБА-лигата по триумфот над Бруклин нетс со 123:111. Маверикс предводени од извонредниот Лука Дончиќ, кој мечот го заврши со дабл-дабл од 31 поен и 13 скока, а имаше и 7 асистенции, лесно ја прекинаа мини-серијата од два порази против десеткуваниот состав на Нетс.

Oд вкупно 31 поен, Дончиќ дури 15 ги реализира во последната четвртина и се погрижи за победата да остане во Далас.

Торонто репторс загуби на гостувањето кај Мајами хит со 84:76. Ова е најслаба партија на шампионот според учинок во оваа сезона. На Рептилите очигледно им недостасуваше напаѓачкиот потенцијал од Паскал Сијакам, но поразот во Флорида се очекуваше ако се знае дека Мајами сезонава има само еден пораз на домашен терен.

Адебајо со 15 поени беше најефикасен играч од составот на Жешките, додека на Торонто не му помогна двојниот учинок на Ибака од 19 поени и 10 скока.

Останати резултати:

Кливленд – Шарлот 106:109, Индијана – Денвер 116:124, Чикаго – Јута 98:102, Минесота – Голден стејт 99:84, Сан Антонио – Оклахома 103:109, Сакраменто – Мемфис 128:123, ЛА клиперс – Детроит 126:112.

 

- Оглас -

Најнови вести