Синоќа испишаа фудбалска историја, денеска рано наутро мора да одат на работа

Македонија пред еден месец беше избришана од фудбалската клупска мапа откако сите четири екипи кои беа дел од европските квалификации беа експресно елиминирани. За разлика од нашите екипи, Гибралтар може да се пофали дека денеска ќе има свој претставник во ждрепката од Конференциската лига на УЕФА.

Екипата на Линколн синоќа на свој терен успеа со 3:1 да слави против Рига од Летонија, и тоа по драма од 120 минути, откако во регуларните 90 минути беше 1:1. Со таа победа Линколн стана првиот тим од Гибралтар што ќе игра во групна фаза од натпреварувањата на УЕФА.

Која е екипата на Линколн?  Нема многу податоци за овој клуб, но се знае дека е формиран во 1976 година, наводно како дел од Полициска академија. За вработените тоа било занимација, а сега по 45 години од формирањето, испишаа историја. Додека Гибралтар не стана полноправна членка на УЕФА, Линколн и останатите екипи од оваа земја имаа статус на аматерски. Линколн е доминантен клуб и 24 пати бил првак на земјата.

Линколн држи и еден неверојатен рекорд во европскиот фудбал, а тоа е за најдолг период без пораз во домашното првенство. Серијата на Линколн траеше неверојатни 1.959 денови (повеќе од пет години), односно од мај 2009 до септември 2014 година. Тие беа без пораз на 88 меча во првенството.

Синоќешната победа над Рига е најзначајна во клупската историја и воопшто во историјата на гибралтарскиот фудбал. Сепак, не треба да се заборави дека Лонколн веќе неколку години е дел од европските квалификации и се обидува да стигне таму каде што е сега. Во 2016 година, Линколн успеа да го победи шкотскиот гигант Селтик со 1:0, но не го елиминира откако на гости загуби со 3:0.

Во клубот на Лонколн уште има играчи кои фудбалот и не им е примарна работа. Некои од играчите денеска мораа да станат рано и да одат на свите работни места во канцеларија, пошта, ресторан, школо… Токму тие фудбалери сега си обезбедија европска фудбалска есен и ќе бидат дел од Конференциската лига на УЕФА. Противниците за групната фаза ќе ги добијат денеска.

 

- Оглас -

Најнови вести