Сити со Агуеро ќе го освојува Лондон, триото на Ливерпул е страв и трепет за Порто

Најдобриот играч на Манчестер сити, Серхио Агуеро, треба да започне од првата минута на дуелот во Лондон против Тотенхем, во првиот меч од четвртфиналето од Лигата на шампионите. Агуеро се жали на повреда на мускулот на ногата, но според очекувањата, тој ќе биде во стартниот тим на „граѓаните“. Агуеро е ударна игла во нападот на англискиот првак, кој мечтае за европска круна.

Пеп Гвардиола нема да ја менува формацијата и ќе игра 4-3-3. Покрај Агуеро, во нападот ќе бидат и Стерлинг и Бернанрдо Силва, додека Фернандињо, Де Бројне и Давид Силва ќе бидат задолжени да ја добијат битката на средината на теренот. Токму тука, на средината од игралиштето Тотенхем треба да е најсилен. Со формација 4-2-3-1, лондончани се надеваат дека ќе ја преземат контролата на играта. Многу работи во играта на Тотенхем ќе зависат од Ериксен, Сон и Али, кои знаат да бидат многу опасни и во нападот, каде што најистурен ќе биде Хари Кејн.

Освен во Лондон, во Англија интересно ќе биде и во Ливерпул. Домаќините на „Енфилд роуд“ се апсолутни фаворити против Порто. Португалците имаат страв од офанзивното трио на Ливерпул бидејќи минатата сезона почувствуваа што значи кога во налет ќе тргнат Мане, Салах и Фирмино (овие тројца дадоа пет гола на гостувањето во Порто).

Сега дефанзивците на Порто ќе треба да најдат решение за овие тројца. За разлика од лани, Ливерпул сега е посилен и во одбраната, каде што го имаат голманот Алисон, а Ван Дајк е вистински командант пред неговиот гол.

Иако Порто ќе треба да внимава многу на одбраната, сепак гостите на „Енфилд роуд“ ќе бидат во формација 4-3-3 со Брахими, Марега и Соареш во нападот. Во шест меча против Ливерпул, Порто има дадено само два гола, па вистински предизвик ќе биде за гостите да погодат вечерва.

 

 

- Оглас -

Најнови вести