Француската фудбалска репрезентација претрпе пораз во пријателски меч од Брегот на Слоновата Коска со 2:1, одигран во Нант. Поразот е посебно неочекуван ако се знае дека Франција на полувреме имаше водство со 1:0 благодарение на голот на Рајан Черки во 45-тата минута.
Брегот на Слоновата Коска уште еднаш покажа дека е селекција за респект, па иако гостуваше кај една од најсилните репрезентации во светот, во второто полувреме направи пресврт. Дуе во 53-тата минута израмни на 1:1, а во 84-тата минута со голот на Траоре, Африканците направија целосен пресврт.
По мечот, селекторот на Франција, Дидие Дешан, потенцираше дека ова е предупредување за нив, и тоа во вистински момент.
„Никогаш не е пријатно кога ќе се загуби. Покажавме некои добри работи во првото полувреме, но во вториот дел одигравме многу полошо. Не помогнаа ниту многуте замени. Нема оправдување за вакво нешто. Ова е опомена, ако воопшто ни беше потребна. Не смееме да се сметаме дека сме подобри отколку што сме. Сепак, не сакам да драматизирам многу и да ја оцрнувам ситуацијата во репрезентацијата“, рече Дешан по поразот од Брегот на СК.
Последниот контролен меч пред почетокот на Светското првенство, Франција ќе го има на 8 јуни, кога ќе игра против Северна Ирска. По тој меч, Галските петли ќе заминат во САД на Мундијалот, каде што во групната фаза ги чекаат предизвици против селекциите на Сенегал (16 јуни), Ирак (22 јуни) и Норвешка (26 јуни).

