Кога селекторот Карло Анчелоти објави дека го вклучил Нејмар на списокот на репрезентацијата на Бразил за Светското првенство, во земјата настана вистинска еуфорија меѓу навивачите. Но, сега зад сцената се подготвува голем скандал.
Како што пишуваат медиумите во Јужна Америка, сè поизвесно е дека Нејмар бил повреден уште кога го добил повикот од Карло Анчелоти, а тоа наводно било сокриено од лекарите на неговиот клуб Сантос.
Денеска беше потврдено дека пред Нејмар следуваат најмалку две до три недели пауза поради повреда на листот на ногата, што значи дека ќе ги пропушти подготвителните натпревари против Панама и Египет, а веројатно и првиот меч на Мундијалот против Мароко.
„Нејмар вчера пристигна во кампот и ги помина сите медицински тестови, кои завршија со магнетна резонанца. Таа откри повреда од втор степен на листот, а не само едем. Очекуваме да биде подготвен за најмногу дваесетина дена“, кратко соопшти докторот на бразилската репрезентација Родриго Ласмар.
Дел од бразилските медиуми се сомневаат дека во Сантос намерно ја сокриле повредата на Нејмар за повикот на Анчелоти за Светското првенство да не биде доведен во прашање.
Наводно, на 18 мај во Фудбалскиот сојуз на Бразил пристигнал документ заверен од клупските лекари во кој стоело дека со поранешниот фудбалер на Барселона и ПСЖ сè е во најдобар ред. Дури и претседателот на клубот Марсело Тешеира давал изјави во истиот стил, тврдејќи дека нема никаква причина за загриженост.
По тоа, Карло Анчелоти под притисок на јавноста го ставил Нејмар на списокот, но веднаш нагласи дека нема да има загарантирано место во стартниот состав.
Сега сè поизвесно е дека Нејмар нема да биде целосно подготвен за Мундијалот, каде што Бразил ќе игра во група со Мароко, Хаити и Шкотска.

