Снимка од ждрепката за фудбалскиот Куп на Романија стана вирална поради сомнеж за местење.
Заменик генералнот секретар на федерацијата, Габриел Бодеску, како последно го завитка ливчето со името на Корвинул Хунедоара и го стави во топче, а потоа откако не се потруди многу да меша, го извлече истото топче, откако прво го фати со десна, па го премести во левата рака.
Корвинул Хунедоара се падна да игра со Фарул Констанца.
Бодеску беше обвинет дека не го мешал правилно топчето на Корвинул и дека намерно одбрал тој тим да игра против Фарул.
Бодеску тврди дека е невин и дека не направил ништо намерно.
„Ако ги погледнете строго тие моменти, навистина изгледа чудно. Но, ако трпеливи и го набљудуваме целиот процес на извлекувањето, перспективата може да се промени. Зошто ние од федерацијата би сакале Фарул да игра со Корвинул? Наш интерес е да имаме што е можно повеќе силни тимови во групите од Купот на Романија. Ова води до зголемување на конкуренцијата и нивото на фудбалот. Се извинувам за забуната, но не беше намерно. Беше несреќна случајност. Само се трудев да се осигурам дека некое од топчињата нема да падне надвор од садот кој беше преполн. Никогаш не гледам во урната кога ги мешам топчињата, само внимавам да не паднат надвор“, изјави обвинетиот Бодеску.