Вицепретседателот на Светската боксерска организација (ВБА) и поранешен генерален секретар на Меѓународната боксерска асоцијација (ИБА), Иштван Ковач, објави дека лично го предупредил Меѓународниот олимписки комитет (ИОК) за машкиот пол на алжирската боксерка Иман Калиф. Унгарецот призна дека испратил имејл со резултатите од биолошкиот тест направен во 2022 година, но сè уште нема одговор.
„Најтрагичното во целата ситуација е што проблемот не беше со нивото на тестостерон на Калиф, бидејќи тоа може да се коригира во денешно време, туку со резултатот од тестот за пол. Тој јасно покажа дека станува збор за биолошки маж. Покрај тоа, на Олимписките игри во Токио и на последното Светско првенство, заедно со алжирската претставничка, беа прегледани вкупно пет лица. Сите имаа исти резултати, навистина беа мажи. Се разбира, веднаш писмено го известив ИОК, но колку и да е неверојатно, тие до денес не одговориле“, изјави Ковач, кој е олимписки, светски и европски шампион во аматерски бокс.
Во меѓувреме, портпаролот на Меѓународниот олимписки комитет, Марк Адамс, рече дека личниот мотив е во основата на опстојувањето на организацијата во врска со учеството на Иман Калиф и на тајванската боксерка Лин Ју-Тин на женскиот боксерски турнир на ЛОИ во Париз 2024. Причината е конфликтот што ИОК го води со претседателот на ИБА, Умар Кремљов.
„Ние немаме доверба во ништо што потекнува од ИБА. За нас, таа организација нема никаква авторитет. Изјавите на Кремљов дека ќе ги награди како шампионки сите боксерки што изгубиле на Олимписките игри од Иман Калиф и Лин Јутин, се шокантни и дополнително ја намалуваат нашата минимална доверба кон него“, изјави Адамс.
Меѓународниот олимписки комитет ја презеде администрацијата на боксерскиот турнир во Париз преку свој судиски панел, откако претходно ја одзеде лиценцата на Меѓународната боксерска асоцијација. Како мотив за оваа одлука беа посочени корупција, сомнежи за манипулации со судиските одлуки, па дури и со изборите за претседател на организацијата.