Сколс е воодушевен од големиот пријател на Ристовски: Игра феноменално, подобар е од мене

Пол Сколс е воодушевен од игрите што ги прикажува Бруно Фернандеш во Манчестер јунајтед и вели дека е дури и подобар од него.

Легендата на Црвените ѓаволи освои сè што можеше да се освои со единствениот клуб за којшто настапуваше во кариерата, но изненади со големиот комплимент за Португалецот.

„Тој е подобар играч од мене, малку поразличен, но и со поголем ефект. Креира шанси за соиграчите и дава голови. Би сакал да играм со него. Бруно е фантастичен фудбалер и се надевам дека долго ќе игра за Манчестер јунајтед. Пред да дојде во клубот, Јунајтед едвај ќе создадеше некоја шанса, сега со него во тимот се редат шанси на секој меч“, изјави Сколс.

Тој освои дури 11 титули со Манчестер јунајтед во Премиер лигата и беше дел од златната генерација на Црвените ѓаволи што двапати стана и европски првак, а има уште многу титули.

Фернандеш, кој е голем пријател со нашиот репрезентативец Стефан Ристовски и пристигна во Јунајтед од Спортинг Лисабон, ја игра втората сезона за англискиот гигант и има неверојатен учинок.

Во ланската сезона на 14 натпревари за Манчестер постигна 8 гола во Премиер лигата, а на почетокот на оваа сезона на еднаков број мечеви веќе постигна 10 гола, со шест асистенции.

 

 

 

- Оглас -

Најнови вести