Евертон со два гола со шутеви од далечина, извојува важна победа против Нотингам форест од 2-0, во дуел на двата тима од Премиер лигата на кои сезонава им се одземени бодови поради прекршување на финансискиот ферплеј.
За Евертон кој игра со минус од осум бодови кои му беа одземени среде сезона, ова е само втора победа во последните 16 кола и многу им значи за бегство од дното на табелата.
Првиот гол го постигна Идриса Гана Геј, за кого ова беше прв премиерлигашки погодок на „Гудисон парк“ од февруари 2017 наваму. Пред седум години, му даде гол на Џордан Пикфорд, кој тогаш бранеше за Сандерленд, а сега му е соиграч во Евертон.
Вториот гол кој ги реши дилемите околу победникот, беше дело на Двајт Мекнил кој на убав начин го прослави својот 200-ти настап во Премиер лигата.