Славните денови на Шарапова се минато – Пак испадна во прво коло на Гренд слем

Марија Шарапова повторно е елиминирана во прво коло на Гренд слем турнир, третпат по ред, а ноќеска подобра од неа во Мелбурн на Отвореното првенство на Австралија беше Дона Векиќ.

Хрватката беше фаворитка и е 19-ти носител на турнирот, а немаше посериозна задача против поранешната шампионка во Мелбурн и славеше со 6:3, 6:4.

Шарапова има 32 години и многу проблеми во последно време откако беше казнета поради позитивен допинг-тест на 15 месеци токму на Отвореното првенство на Австралија пред четири години. Се обидува да се врати, но тоа тешко ѝ оди. Марија има пет Гренд слем титули, а една од нив е од Мелбурн, каде што се игра првиот Гренд слем во сезоната.

Беше шампионка во 2008 година на популарниот „Ози опен“, но очигледно е дека деновите на слава за една од најдобрите тенисерки во 21 век се минато.

Интересно е што ноќеска на победа се радуваше и Станислас Вавринка, поранешното момче на Дона Векиќ. Швајцарецот има титула во Мелбурн од 2014 година и вкупно три пехари на гренд-слем турнирите.

Во првиот настап на ова издание Стен го победи Дамир Џумхур со 3:1 во сетови.

Со очекуван триумф од 3:0 против Уго Делиен и Рафаел Надал стартуваше успешно на турнирот што го има освоено во 2009 година.

 

- Оглас -

Најнови вести