Следен е АИК: Шкендија заслужено го продолжи европскиот сон

Шкендија триумфираше со 3-1 над Валмиера во реваншот, па со вкупен резултат од 5-2 се пласира во третото квалификациско коло во Лигата на конференции.

Дуелот кој е одигран на скопската Арена „Тодор Проески“ беше во знакот на Црвено-црните, а победата ја изрежираа стрелците Бејтулаи и Дориев, односно Рамадани.

Бекот на Шкендија веќе во 11-тата минута го отвори резултатот, по што следуваше мал шок за 1-1 од страна на Мурата во 25-тата минута.

Но, за да не се оди на пауза со неизвесен резултат, се погрижи одличниот Дориев. Офанзивецот на домаќините го претрча речиси целиот терен, самиот избори контранапад и ефектно ја затресе противничката мрежа во 33-тата минута.

Дополнително помогна и црвениот картон на стрелецот на гостите, па избраниците на Шаќири рутински го одработија остатокот од мечот и успеаја да забијат за 3-1 преку Рамадани во 86-тата минута.

Во следното коло, противник на Шкендија ќе биде шведскиот АИК Стокхолм.

- Оглас -

Најнови вести