Следниот ривал на Ѓоковиќ има едно барање: Само да не заглавиме да играме до три по полноќ

Италијанскиот тенисер Лоренцо Музети е следниот ривал на Новак Ѓоквоиќ на Вимблдон. Музети, кој е на 25-тото место на АТП-листата, по голема борба во пет сета го победи Тејлор Фриц и сега ќе има голем предизвик да се обиде да го елиминира и најтрофејниот тенисер на сите времиња на гренд-слем-турнирите.

Последен пат Ѓоковиќ и Музети играа на Ролан Гарос и тоа беше епска битка. Италијанецот водеше со 2:1 во сетови, но на крајот Новак победи со 3:2 во меч кој започна во 22:40 часот, а заврши дури во три по полноќ.

„Само да не завршиме повторно до три часот по полноќ. Шегата настрана, тоа беше многу добар меч. Имав шанси, но не ги искористив. Посебно во четвртиот сет. Сега треба добро да го анализирам тој меч и да видам што можам да направам подобро. Морам да си признаам дека покажав карактер и став затоа што го загубив првиот сет, но не се предадов и се борев до крајот. Го сменив начинот на размислување и чувството е многу подобро“, рече Музети.

Италијанскиот тенисер против Ѓоковиќ има шест меча, а само еднаш се радувал на победа.

„Сум играл против него во неколку различни фази. Двапати тоа беше на Ролан Гарос. Го победив во Монте Карло, а сите останати дуели ги загубив. По секој меч против Новак извлекувам важна поука. Последниот меч беше многу интензивен, стресен. Секогаш е стресно да се игра против него затоа што веројатно е најдобар тенисер на сите времиња, или сигурно еден од најдобрите на сите времиња. Ако играм на одреден начин, имам шанси да го победам“, оптимистички најавува Музети.

Ѓоковиќ во четвртфиналето помина без борба откако неговиот противник Алекс де Минор се повлече поради повреда.

Во второто полуфинале на Вимблдон ќе играат Данил Медведев и Карлос Алкарас.

- Оглас -

Најнови вести