Слот во пресрет на најважниот меч за Ливерпул сезонава: „И јас и Салах го сакаме најдоброто за клубот“

Менаџерот на Ливерпул, Арне Слот, одговори на прашање на денешната прес-конференција дали Мохамед Салах, кој го напушта тимот, го критикувал.

„Со Салах имаме заедничка цел, а тоа е да го направиме најдоброто за клубот“, изјави Холанѓанецот.

Натпреварот против Брентфорд во недела ќе биде последен за Салах во црвениот дрес, кој го носи од 2017 година и со кој ги освои Лигата на шампионите во 2019 година и две титули во Англија, во 2020 и 2025 година.

Неговото збогување се совпадна со објава на социјалните мрежи, во која призна дека му недостига „хеви-метал“ фудбалот што во тимот го воведе претходникот на Слот, Јирген Клоп.

„Не сметам дека тоа што јас го чувствувам е важно. Важно е во недела да избориме пласман во Лигата на шампионите. Го подготвувам Мо и останатите играчи за тој натпревар на најдобар можен начин“, изјави Слот.

„Тоа што го сакаме, што го сакам и јас и тој, е тимот да биде толку добар како минатата сезона. На тоа сум фокусиран, бидејќи натпреварот во недела може да ни даде сериозна основа за следната сезона“, додаде менаџерот.

Ливерпул се наоѓа на петтото место на табелата, а минатиот викенд го претрпеа 12-тиот пораз во првенството од Астон вила по разочарувачко издание.

„Сакам повторно да го видам Ливерпул како офанзивен тим, ‘хеви-метал’ од кој противниците ќе се плашат и повторно да освојуваме трофеи. Тоа е фудбалот што сакам да го играм и тоа е идентитетот што клубот мора да го пронајде и да го задржи. За тоа нема дискусија и сите што ќе дојдат во тимот мора да се адаптираат“, напиша Салах на социјалните мрежи.

Слот одби да открие дали 33-годишниот Египќанец ќе биде стартер во недела.

„Никогаш не го откривам мојот состав“, потсети тренерот.

- Оглас -

Најнови вести