Словенија без многу проблеми славеше над Кувајт со 36:23 во подготвителен меч, пред стартот на Европското првенство кое започнува за една недела. И покрај триумфот, селекторот на Словенија, Урош Зорман беше разочаран поради повредата која ја здоби Алекс Влах. Еден од клучните ракометари мораше предвреме да го напушти теренот поради проблеми со задниот мускул на ногата, па сега прашање е дали ќе биде подготвен за стартот на ЕП.
Со оваа повреда на Влах, само се зголемуваат проблемите на Словенија околу составот. Од претходно јасно беше дека Словенија на ЕП ќе биде без повредените Миха Зарабец, Митја Јанц, Јака Малуш, Матиќ Грошељ и Тадеј Кљун, како и без Борут Мачковшек и Блаж Благотиншек кои се откажаа поради премор. Нема да игра ниту Нејц Цехте од лични причини.
Полесни повреди имаат и Сташ Јовичиќ и Домен Новак па тие не играа на дуелот против Кувајт, но постои оптимизам дека ќе бидат подготвени за стартот на континенталниот собир.
„Немам веќе зборови. Ова е премногу. Кога се случи повредата на Влах, едноставно занемев. Сепак, се надевам дека не е нешто сериозно. Ги чекаме резултатите од деталниот преглед“, рече селекторот Зорман.
На ЕП, Словенија е во група со репрезентациите на Фарски Острови, Црна Гора и Швајцарија.

