Со еден повик ја смени фудбалската историја и не дозволи тандем Меси – Роналдо

Каталонскиот „Спорт“ објави сензационална приказна за трансферот на Кристијано Роналдо од Манчестер јунајтед во Реал Мадрид во 2009 година, а Флорентино Перес е главниот виновник што не се формираше ѓаволски фудбалски тандем во Барселона и партнерство меѓу Меси и Роналдо.

Перес, кој е актуелен претседател на Реал Мадрид, во периодот кога Роналдо го засили кралскиот клуб летото во 2009 година, беше само кандидат за прв човек на кормилото на мадридскиот гигант.

Од јануари до јуни 2009 година прв човек на Реал Мадрид беше Висенте Болуда и тој веќе попушти пред притисоците на дел од раководството на клубот да не се ангажира Роналдо, иако веќе беше постигнат договор со Манчестер јунајтед.

Фернандес де Блас дури и јавно го прозва Болуда дека за 100 милиони евра можат да се купат неколку шпански репрезентативци и дека тоа се премногу пари за еден играч.

Болуда не го издржа големиот притисок и според приказната што ја објави „Спорт“, му се јавил на Жорж Мендеш да го откаже трансферот на Роналдо од Манчестер јунајтед во Реал.

Барселона веќе имала подготвено понуда од 105 милиони евра, но тогаш се вмешал Перес. Кандидатот за претседател на Реал во тоа време е голем пријател на менаџерот на Роналдо и го повикал да не го откажува трансферот откако бил советуван дека ако Кристијано се пресели во Барселона, тогаш Реал десетици години потоа нема да освои ниту една титула.

Сè потоа е историја, Реал му плати на Јунајтед 94 милиони евра пред стартот на сезоната 2009/10 и се случи во тоа време рекордниот трансфер на Роналдо во Реал Мадрид и пропадна формирањето на веројатно и најдобриот тандем на сите времиња, Меси-Роналдо во Барселона.

- Оглас -

Најнови вести