Со нетрпение се чека судбоносното „да“ на менаџерот на Алиоски

Марсело Бјелса е творецот на враќањето на Лидс јунајтед во Премиер лигата по 16 години пауза. Тој е најзаслужен што на „Елад роуд“ повторно ќе се гледа премирлигашки фудбал, но во изминатиов период популарниот Лудак предизвика огромно нетрпение кај навивачите.

По завршувањето на сезоната во Чемпионшип лигата, на Бјелса му истече договорот со Лидс, но тој и натаму го има последниот збор кога во прашање е составување на екипата за претстојната сезона. Ангус Кинијар, спортскиот директор на клубот, тврди дека наскоро ќе се случи и најважниот потпис за Лидс ова лето.

„Знаеме дека навивачите се нетрпеливи и сакаат што поскоро да се заврши оваа работа. Поради тоа и јас сум нервозен, меѓутоа нема простор за паника бидејќи во секој момент очекуваме да склучиме нов договор со Бјелса. Секојдневно разговараме, заедно работиме на нови засилувања и правиме план за подготовките“, истакна Кинијар.

Новиот премиерлигаш за кој настапува македонскиот репрезентативец Езѓан Алиоски претходно денеска дозна дека во новата сезона ќе стартува со гостување на „Енфилд“, кај актуелниот шампион Ливерпул.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести