2.8 C
Skopje
вторник, 2 декември 2025

Со новиот селектор ќе се вратат „отпишаните“ од Милевски?

Македонската фудбалска јавност е во исчекување да се дознае името на новиот селектор со кој ќе го продолжиме сонот за пласман на Светското првенство. Македонија во март следната година ќе игра на гости кај Данска во Копенхаген, а евентуална победа на тој меч ќе ја одведе нашата репрезентација само на еден чекор до Мундијалот.

Со новиот селектор можно е да се очекува и ново „освежување“ на ростерот во националниот тим. Додека Милевски ја предводеше Македонија, неколку фудбалери кои беа стандардни во составот едноставно „исчезнаа“ од репрезентацијата. Стефан Ристовски, кој беше капитен на Македонија, во август 2023 година јавно преку социјалните мрежи најави дека се повлекува од репрезентацијата, и тоа поради лични проблеми со селекторот Милевски.

Ристовски тогаш беше јасен дека воопшто не планира да игра за Македонија додека Милевски е предводник. Од вчера Милевски веќе не е селектор на Македонија, што значи дека се отвора вратата за враќање на бекот во најдобрата селекција. Ристовски, кој има 33 години и 82 настапи за Македонија, оваа сезона е стандарден во тимот на Сараево.

Втор на оваа листа е Бобан Николов. Тој беше стандарден репрезентативец во период од 2018 до 2022 година, кога одигра 42 меча. Потоа Милевски едноставно реши дека Николов не е репрезентативен калибар и му ја затвори вратата во националниот тим. Николов сезонава игра во Фарул Констанца во Романија, има 31 година.

Аријан Адеми беше вториот капитен по Ристовски кој си замина од националниот тим во времето на Милевски. Во март 2024 година беше објавено дека Адеми нема веќе да настапува за Македонија. Останува да се види дали може да се случи Адеми да има камбек во репрезентацијата.

- Оглас -

Најнови вести