Солскјер е наследникот на Фергусон што Манчестер го бараше речиси шест години

Оле Гунар Солскјер е феноменот кој повеќе од еден месец се случува во Англија. Норвешкиот стратег дојде на чело на најтрофејниот англиски клуб и тоа како привремено решение, бидејќи отказ доби Жозе Мурињо. Солскјер го замени Мурињо и тоа во време кога во екипата на „црвените ѓаволи“ атмосферата беше на „нула“.

Тимот беше далеку од зоната за место кое води излез во Лигата на шампиони, а губеше речиси од кого стигне. Во дербито против Ливерпул, Манчестер делуваше толку немоќно, што едноставно беше очајно за гледање. И од еден таков Манчестер, Солскјер дојде, седна на клупата и веднаш ги сврте работите во сосема друга насока. Манчестер ги победи Кардиф, Хадерсфилд, Бордмут, Њукасл и Рединг и во овие пет меча даде 16 погодоци, односно повеќе од три во просек на средба.

Тогаш, оние скептиците велеа дека Солскјер имал среќа и дека му се погодил распоредот. Најавите беа дека ќе загуби кога ќе треба да гостува кај Тотенхем. Дојде и тоа гостување, а Манчестер победи со 1:0 во Лондон. Низата продолжи и на дуелот против Брајтон, а синоќа Солскјер уште го предводеше тимот до уште една голема победа.

Во дербито на 1/16-финалето од ФА Купот, Манчестер на гости го победи Арсенал со 3:1 и го елиминираше големиот ривал. Солскјер уште еднаш постави тактика која е кобна за противниците, а играчите на „црвените ѓаволи“ одиграа беспрекорно.

За неполни 40 дена, Манчестер од тим кој може да загуби од секого, се претвори во тим кој ги „меле“ сите противници. Ниту еден тренер во историјата на најтрофејниот англиски клуб не започнал со осум победи по ред. Тоа не му се случило ниту на легендарниот Сер Алекс Фергусон, за кого Манчестер веќе шеста година бара вистински наследник.

Ако се гледа според резултатите, наследникот е пронајден. Оле Гунар Солскјер е новиот Сер Алекс Фергусон на клупата на Манчестер јунајтед.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести