Солскјер има три желби, Манчестер јунајтед ќе го чинат 300 милиони евра

Оле Гунар Солскјер има три желби на врвот на листата со потенцијални засилувања ова лето за Манчестер јунајтед, а според британските медиуми еден од тие тројца фудбалери е соиграч на Стефан Ристовски во Спортинг Лисабон.

Се работи за Бруно Фернандеш, кој се врати од „печалба“ во Удинезе и игра за Спортинг и тоа одлично. Настапува во средниот ред, а сезонава веќе даде 23 гола на 42 натпревари, комбинирано со 13 асистенции и јасно е зошто Солскјер го бара како летно засилување.

Отштетната клаузула му е 100 милиони евра, Спортинг за него му плати на Удинезе само 8.5 милиони евра, па се шпекулира дека би го продал за педесеттина милиони евра. Лавовите од Лисабон се пред банкрот, па ќе мораат итно да продаваат играчи, а Фернандеш е на врвот на листата за заминување и на врвот на листата со желби на менаџерот на Манчестер јунајтед.

Тука се наоѓа и стоперот на Наполи, Сенегалецот Кулибали, за кого според британските медиуми Манчестер јунајтед е подготвен да плати околу 120 милиони евра. Им „шкрипи“ во одбраната на „црвените ѓаволи“, па јасна е желбата да се купи еден од најдобрите стопери на планетата.

Проблем може да биде тврдоглавиот сопственик на Наполи, Аурелио Де Лаурентис, кој истакна дека цената за продажба на Кулибали е 150 милиони евра.

И трет на листата е бисерот на англискиот фудбал Жадон Санчо, кој игра за Борусија Дортмунд. Има само 18 години, а веќе е стандарден репрезентативец на Англија и има неверијатно добра сезона зад себе кај „милионерите“ од Дортмунд. Проценет е на околу 100 милиони евра, иако од Борусија велат дека не е на продажба.

 

- Оглас -

Најнови вести