Солскјер: Се подобруваме, конечно не примивме гол

Оле Гунар Солскјер го живее сонот на клупата на Манчестер јунајтед. Норвешкиот стратег стана само вториот менаџер во историјата на „црвените ѓаволи“ кој успеал да стигне до четири победи во првите четири меча откако е назначен за нов предводник. Претходно тоа му успеало само на легендарниот Мет Бизби, и тоа во далечната 1946 година.

Манчестер синоќа славеше на гости кај Њукасл со 2-0 благодарение на погодоците постигнати во последните 30 минути од мечот. Ова беше за првпат тимот предводен од Солскјер да не прими гол, па сега по четири средби, гол-разликата е 14:3.

„Во првото полувреме имавме проблеми да ја пробиеме одбраната на противникот, но потоа сè си дојде на свое место. Конечно одигравме еден меч без да примиме гол. Тоа ме радува бидејќи откако дојдов на клупата, тоа сакав да го направиме. Покажавме подобрување во играта и задоволен сум од сите играчи“, рече Солскјер.

И по оваа победа, Манчестер остана на шестото место во Премиер лигата со три бода помалку од Арсенал, но сега има само шест помалку од четвртиот Челзи. Кога Солскјер дојде во Манчестер, Челзи имаше 11 бода предност, што значи за помалку од еден месец таа негатива речиси е преполовена.

Следниот предизвик на Манчестер во Премиер лигата е гостувањето кај Тотенхем, на 13-ти јануари.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести