Солзи и аплауз за Буштур, на комеморацијата дојдоа и ексју-легенди

На некои им беше ученик, на други соиграч, на трети учител, сите заедно и со најблиските се собраа на комеморацијата посветена на Благоја Георгиевски – Буштур, една од најголемите легенди на македонската кошарка. Буштур загина во сообраќајна несреќа, а денешната комеморација почна со едноминутен молк, по кој говореа дел од неговите пријатели кои одлично го познаваа.

Тодор Гечевски со солзи во очите се присети кога легендарниот Буштур дошол во Кавадарци и го повикал во кадетска репрезентација и му понудил да спие кај него дома.

„Бевме колеги и во кошарката и во риболовот. Се надевам дека сега таму горе дава кошеви и фаќа големи риби“, рече Гечевски.

На комеморацијата дојде и Богдан Тањевиќ, со кого беа заедно на Олимиските игри во 1976 година, а говореа и Васил Тупурковски и актерот Ѓокица Лукаревски, кои беа долгогодишни, па и семејни пријатели со големиот Буштур. И градоначалникот Петре Шилегов имаше што да каже.

Последното испраќање на еден од ретките Македонци кои играле за кошаркарска репрезентација на поранешна Југославија која беше велесила во овој спорт ќе биде утре на пладне.

- Оглас -

Најнови вести