Спартанците подготвени за ЕП, целта е осминафинале

Одбојкарската репрезентација на Македонија утре од 18 часот во финскиот град Тампере го почнува настапот на Европското првенство, а целта на популарните Спартанци е пласман барем во осминафиналната рунда. Македонија е во група со Русија, Финска, Шпанија, Холандија и Турција, а првите четири одат во осминафиналето.

Дуелот со Финците може да биде клучен, победата над домаќинот би била огромен плус и многу веројатно остварување на амбицијата да се биде меѓу 16-те најдобри во Европа.

„Поминавме долг период заедно, уште од Европската лига, во којашто не бевме во вистинско светло, но ова е друг терен, помотивирани сме и сè е поинаку. Не смееме да дозволуваме лесни грешки затоа што противниците тоа ќе го казнат. Мислам дека сме подготвени и дека в среда натпреварот ќе заврши како што посакуваме, а тоа е победа за Македонија“, вели Александар Љафтов.

Средниот блокер Ристо Николов вели дека за разлика од дебито во Словенија, на второто учество на европските првенства Македонија влегува со помала трема.

„Помирни сме, ја нема таа еуфорична трема како тогаш. Би било добро сега да започнеме со победа, па да видиме како ќе се развиваат настаните натаму. Размислуваме само за Финска затоа што така е најпаметно. Размислуваме натпревар по натпревар бидејќи веќе сме искусна екипа и нема зошто да се залетуваме“, изјави Николов.

- Оглас -

Најнови вести