Поранешниот тренер на ѕвездата на Баерн Минхен, Мајкл Олисе (24), откри впечатлива анегдота која го прикажува неговиот необичен пат и огромната посветеност уште од тинејџерските денови. Според него, францускиот офанзивец често знаел да заспие во својот автомобил на паркингот пред тренинг-центарот, додека се борел да стигне навреме на тренинзите. Приказната ја раскажа Марк Бовен, негов поранешен тренер од Рединг.
„Секое утро кога ќе дојдев на тренинг, Мајкл беше во својот автомобил и длабоко спиеше“, изјави Бовен, кој го водеше Олисе во почетокот на неговата професионална кариера.
Во тој период, Олисе бил млад играч кој се пробивал во првиот тим на Рединг, тогаш член на англискиот втор ранг, а истовремено живеел со семејството во Лондон. Поради долгото патување и густиот сообраќај, морал да тргнува многу рано за да стигне навреме на тренинг.
„Рече дека не сака да губи време во сообраќај и затоа тргнувал околу 5:30 наутро. Кога ќе пристигнеше, понекогаш веднаш заспиваше во автомобилот“, додаде Бовен.
Кога тренингот започнувал во 9 часот, поискусните фудбалери се прашувале каде е младиот играч.
„Јас им велев: можеби доцни, но додека вие спиевте, тој веќе беше на паркингот“, раскажа тренерот, додавајќи дека морале да го будат тропајќи на прозорецот.
Олисе минал низ младинските школи на Челзи и Арсенал, но на 14 години бил отпуштен од Сините и покрај талентот што го поседувал. Потоа кратко време поминал и во Манчестер сити, но вистинска шанса добил дури во Рединг, каде што на 18 години дебитирал за првиот тим.
Неговиот напредок продолжи во Кристал Палас, од каде во 2024 година се пресели во Баерн Минхен за околу 54 милиони евра. Денес важи за еден од највредните играчи на својата генерација, со проценета вредност од околу 140 милиони евра.

