Стартува најубавиот новогодишен спортски настан

Јапонскиот ски-скокач Риоју Кобајаши е главен фаворит на традиционалната новогодишна турнеја „Четири скокалници“, која започнува денеска во Оберсдорф.

Кобајаши беше најдобар на вчерашните квалификации и само потврди дека е во одлична форма пред големите натпреварувања. Поради временските непогоди, беше скратено залетиштето, па на Јапонецот доволен му беше скокот од 129 метри за да стигне до првото место во квалификациите. Овој скок, сепак, е многу далеку од рекордот на скокалницата кој е во сопственост на Сигурд Петерсен со скок од 143,5 метри.

Најнепријатното изненадување во квалификациите беше трикратниот освојувач на Четири скокалници, Камил Штох, кој заврши дури на 37-мото место.

Денешното натпреварување ќе старува од 16:30 часот, а во првата серија ќе има дуели на скокачите. Во финалето ќе поминат 25-те победници од дуелите, плус пет „среќни губитници“.

Според многумина, првата Новогодишна скокалница во Оберсдорф е многу важна затоа што во 21 век дури десетпати се случило ски-скокачот кој ќе триумфира таму, на крајот да биде и освојувач на Новогодишната турнеја.

Минатата сезона победник во Оберсдорф беше актуелниот лидер во светскиот куп Германецот Карл Гигер, но Новогодишната турнеја ја освои Штох.

- Оглас -

Најнови вести