Стартува ОП на САД: Ѓоковиќ атакува на календарски слем

Денес стартува 141-вото издание на Отвореното првенство на САД, што е последен гренслем за оваа тениска сезона во која се очекува историски подвиг на првиот светски рекет, Новак Ѓоковиќ.

Моментално најдобриот тенисер на планетата атакува на календарски слем откако претходно годинава триумфираше во Австралија, на Ролан Гарос и на Вимблдон, па ќе се обиде да го повтори успехот на легендарниот Род Лејвер од 1969 година, кога ги освои сите четири гренслема во една сезона.

Календарскиот слем не е единствена цел на Србинот, доколку успее да триумфира на „Артур Еш“, ќе ги надмине Надал и Федерер по бројот на трофеи, бидејќи тројцата моментално бројат по рекордни 20 гренслем титули.

За најголеми противници до историја ќе му бидат олимпискиот шампион Александер Зверев, како и второ и треторангираните Данил Медведев и Стефанос Циципас. За жал, учеството го откажа актуелниот шампион Доминик Тим, а ги нема ниту големите Рафаел Надал и Роџер Федерер.

Ѓоковиќ својот прв меч ќе го игра ноќта меѓу вторник и среда, против 18-годишниот дански тенисер Холгет Витус Нодсков Руне, кој моментално е 145-ти на ранг-листата на АТП .

Од денешната програма се издвојуваат неколку интересни дуели, како Енди Мареј против Циципас, Руд против Цонга, Чилиќ против Колшрајбер.

- Оглас -

Најнови вести