Страшно: Дурант може да ја пропушти и цела следната сезона во НБА

Кевин Дурант синоќа беше опериран по повредата која ја здоби за време на петтиот меч од финалето во НБА-лигата против Торонто. Ѕвездата на Голден стејт ја повреди Ахиловата тетива. Тоа е една од најтешките повреди во спортот, па Дурант ќе биде надвор од теренот во следните осум до 12 месеци. Доколку се случи најлошто сценарио, да мора да паузира една година, тоа ќе значи дека за Дурант уште отсега е завршена и следната сезона.

„Операцијата беше успешна и мојата рехабилитација и процес за враќање започнува уште отсега. Со мене е целото мое семејство, а поддршка имам и од сите оние кои искрено ме сакаат и ценат како играч. Кошарката е моја голема љубов и затоа сакав таа ноќ да бидам на теренот и да играм, но работите едноставно така се случија. Горд сум што дадов физички колку што можев, а горд сум и на моите соиграчи кои победија“, пишува во дел од објавата на Дурант на инстаграм-профилот.

Дурант се повреди уште во дуелите со Хјустон и пропушти неколку важни средби. Не беше на теренот во првите четири финални дуели против Торонто, а потоа реши да истрча на петиот натпревар, иако не беше целосно закрепнат. До повредата, Дурант беше незадржлив и во плејофот имаше просек од 32,3 поени по меч.

Без Дурант во составот, Голден стејт ќе има многу тешка задача да го одбрани тронот. „Воините“ губат со 2:3, а следниот, шести меч го играат на свој терен.

 

- Оглас -

Најнови вести