Струмица е спремна за тридневниот ракометен куп-спектакл

Со полуфиналните дуели во машка конкуренција, ГРК Охрид – Еурофарм Пелистер од 17 часот и Алкалоид – Вардар 1961 од 20 часот, вечерва во салата „Парк“ во Струмица почнува спектакуларниот финален турнир во Купот на Македонија.

Годинава, како ретко кога, не само што нема топ фаворит кој се издвојува, туку сите четири тима имаат реални шанси да дојдат до победничкиот трофеј.

Можеби во мала предност е бранителот на трофејот во Купот, Вардар, кој речиси сигурно ќе ја освои титулата во првенството, па ова му е шанса да освои двојна круна. Во вечерашното полуфинале, Црвено-црните играат со Сино-белите од Автокоманда, што ќе биде реприза на ланското финале кое се играше во Охрид.

Актуелниот македонски шампион Е. Пелистер за ривал ќе го има Охрид, од кого загуби во Битола пред неколку дена во суперлигашки меч. Охриѓани и битолчани пак ќе водат жестока битка бидејќи ова им е единствена шанса да освојат трофеј на домашна сцена. Гладијаторите никогаш не играле финале на Купот и се надеваат на историја, додека пелистерци посакуваат враќање на овој пехар во витрините дури по 21 година.

Билети може да се купат на https://mktickets.mk/event/f4polu/, а со еден билет од 400 денари ќе може да ги проследите сите полуфинални натпревари од машкиот и женскиот Ф4. Женските полуфиналиња се утре. Од сите натпревари ќе има и директен телевизиски пренос на националната МРТ.

- Оглас -

Најнови вести